Од 9 ноември 2026 година, стапуваат на сила измените во начинот на реализација на националните платежни трансакции и платежните сметки. Ова вклучува воведување нов IBAN формат на сметките за денарски плаќања, нови форми на платни налози, како и промени кај шифрите за целта на плаќањето. Овие промени се во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи и соодветните одлуки донесени од Народната банка на Република Северна Македонија.
Главната цел на овие измени е целосно усогласување со меѓународниот стандард ISO 20022. Овој процес опфаќа стандардизација на платните налози, воведување нов формат на податоците и шифрите за целта на плаќањето, како и промена во структурата на денарските платежни сметки.
Нов IBAN формат на платежните сметки во денарски платен промет
Со почетокот на примената на новата регулатива, денарските платежни сметки преминуваат во меѓународен IBAN формат како единствена и задолжителна идентификациска ознака за платежните сметки во домашниот платен промет.
За платежната сметка во денари- автоматски ќе добиете ИБАН број што ќе се користи при иницирање, обработка и извршување домашни трансакции. ИБАН бројот се формира со додавање на ознаката MK07 пред постојниот 15-цифрен број на платежната сметка (т.н. ББАН формат). Вашиот постоечки број на сметка останува ист, но пред него автоматски се додава фиксната ознака МК07.
За девизните платежни сметки нема промени и во употреба останува досегашниот ИБАН број, кој продолжува да се користи исклучиво за девизни плаќања.
Процесот на промена ќе се реализира со автоматско ажурирање од страна на Банката во сите електронски системи и на новите хартиени платни налози.
Нови платните налози
Новите, стандардизирани платни налози целосно ќе ги заменат досегашните хартиени и електронски обрасци (ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53). Новите налози имаат изменет визуелен изглед, нов распоред на полињата и следниве клучни карактеристики:
- Опис на трансферот наместо шифри: Традиционалните ознаки (ПП30, ПП50...) се заменуваат со јасен текстуален опис на видот на трансферот. Во горниот десен агол на секој налог ќе биде точно наведено кон кого се насочува плаќањето.
- Црно-бел формат: За разлика од досегашните обрасци во боја, новите платни налози ќе се издаваат во црно-бел формат.
- Персонализирани налози за секоја банка: Хартиените обрасци ќе бидат специфични за секоја банка и ќе го содржат нејзиното лого. Налозите на ТТК Банка ќе го содржат логото на Банката и ќе можат да се подигнат во нејзините експозитури.
- Задолжително време на прием: Секој хартиен налог поднесен во банката мора да содржи задолжителна заверка со точниот датум и точното време (час и минута) на неговиот прием.
Споредба на старите и новите обрасци со визуелен приказ на измените
Промени кај шифрите за целта на плаќањето
- Нов формат на шифри: Досегашните нумерички ознаки ќе бидат заменети со нови четиризнаковни алфанумерички ознаки (комбинација од букви и бројки).
Корисни документи за преземање:
Споредбен преглед на стари и нови ознаки за целта на плаќањето
Листа на шифри и цели на плаќањата согласно ISO 20022 XML стандардот