•  
ФИЗИЧКИ ЛИЦАПРАВНИ ЛИЦАЗА БАНКАТА

TTK Банка успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда

ТТК Банка АД Скопје како активен, стабилен и етаблиран учесник на македонскиот финансиски пазар со особена гордост ја известува пошироката јавност дека на 18.5.2023 година успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда. 

Врз основа на одлуките донесени од страна на Собранието на акционери на ТТК Банка АД Скопје, одржано на 7.4.2023 година, односно Одлуката за определување на дивидендата и датумите на исплатата на дивидендата за 2022 година и Одлуката за зголемување на основната главнина на ТТК Банка АД Скопје со средства на банката со издавање хартии од вредност по пат на приватна понуда од III (трета) емисија акции, беше утврдено дека, за постојните акционери, исплатата на делот за распределба на дивидендата во акции ќе биде сразмерна со учеството на нивните акции во дотогашната основна главнина. Акциите се веќе регистрирани во Централниот депозитар за хартии од вредност. Делот за исплата на дивидендата во паричен износ за поединечни акционери, кои според висината на номиналната вредност од една акција и ограничувањата на регулаторните тела не можат да се стекнат со акции од новата емисија акции, е веќе исплатен на платежните сметки на акционерите. 

Преку оваа трета емисија на акции по пат на приватна понуда, Банката успешно го заокружи процесот и го зголеми својот почетен капитал (основна главнина) за износ од 57.698.000 денари. Вкупниот капитал по извршената скрип емисија на 965.586 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари изнесува 965.586.000 денари, со што дополнително се зајакна билансот на состојбата на Банката.

Сето ова ја одразува посветеноста на ТТК Банка за обезбедување иновативни решенија за своите акционери, за создавање дополнителна вредност за нив и посветеност да им обезбеди нови можности и придобивки од нивните инвестиции во Банката на долг рок.

Акцијата на ТТК Банка е една од најценетите, најтргувани и високо вреднувани акции од страна на инвеститорската јавност којашто го препознава и верува во успешното работење на Банката, како и професионалноста и вредноста што ТТК Банка континуирано ја создава за своите акционери, корисници, партнери и за пазарот на капитал. Минатата година Банката се стекна со наградата „Акција со најголем промет во 2022 година - Друштва под 50 милиони евра пазарна капитализација“ што ја доделува Македонската берза на хартии од вредност.

Во изминатиот период, ТТК Банка успешно реализираше и две емисии долгорoчни должнички хартии од вредност - корпоративни обврзници по пат на јавна понуда.

ТТК Банка и во иднина доследно ќе остане ориентирана кон почитување на правата на клиентите и нејзините акционери и посветено ќе продолжи со грижата за задоволството на потрошувачите во сите сегменти од нејзиното дејствување.